Собраниската Комисија за европски прашања денеска во 13 часот, како што е најавено, треба да ја одржи шестата седница, на која единствена точка на дневен ред е предлог-законот за употреба на јазиците, во второ читање. Оваа седница беше одложена во понеделникот, а првично беше закажана за 22 ноември, но претседателот на комисијата, Артан Груби, тогаш ја откажа. Тој рече дека тоа го сторил за да не се дефокусира јавноста од итните прашања. На 20 ноември еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје изјави дека овој закон не е приоритет за европската агенда на Македонија.