Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас поведе предистражна постапка заради постоење индиции за стеорено кривично дело за перење пари и други приноси, соопшуваат од Обвинителството.
Оттаму наведуваат дека предистражната постапка е поведена по изјавата објавена во повеќе медиуми на поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ , која се однесува на перење пари во Србија од страна на високи македонски функционери и нивна поврзаност со физички и правни лица во Србија и Чешка.
Дел медиуми во Македонија на почетокот на месецов го пренесоа тврдењето на српскиот опозиционер Вук Јеремиќ, според кого, луѓе блиски до експремиерот Груевски и неговиот братучед Мијалков купуваат фирми во Србија, во дослух со владата на Александар Вучиќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека ниту претседателот на партијата Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков немаат никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија. Во соопштението се наведува дека Груевски и Мијалков не извлекувале пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија.