Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е ставен во Прилог 2 на Бернската конвенција, што претставува големо признание и чекор напред кон заштита на ова критично загрозено животно кое е присутно само на Балканот, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД) кое повеќе од десет години спроведува Програма за заштита на балканскиот рис.
Оттаму соопштуваат дека Бернската конвенција го стави балканскиот рис во Прилог 2 по иницијатива на албанското Министерство за туризам и животна средина, наведувајќи оти овој успех дава поголем акцент за заштита на балканскиот рис, а дека европските конвенции ја препознаваат итноста и важноста за легалната заштита на овој вид.
„Ова признание игра улога и во спречување на нелегални и непотребни активности во подрачјата каде што рисот е распространет и секако дека ќе помогне во борбата за заштита на рисот“, изјави Диме Меловски раководител на Програмата за заштита на балканскиот рис од МЕД.
Бернската конвенција е надлежна за заштита на европскиот див свет и ги разгледува случаите со уништувањето на природното богатство.