Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Брисел изјави дека е задоволен од неговата работа и дека тоа е почеток на едно одлично пријателство. Тој истакна дека сака да ја охрабри Македонија да продолжи на патот кој го започнала, при што напредокот кој бил направен во изминатите месеци е извонреден. Јункер ја истакна важноста на договорот за добрососедство со Бугарија, како и претстојните средби со Грција, при што изрази и очекување дека реформскиот процес ќе продолжи.
„Сакам да кажам дека ние како Европска комисија сме многу посветени на сите земји од Западен Балкан. Сите тие имаат европска перспектива и ние ќе донесеме одлука во наредните осум, девет месеци како да продолжиме со секоја од овие земји, бидејќи постои процес заснован на заслуги“, рече Јункер.
Според Јункер, вратата е отворена за сите земји од Западен Балкан. Доколку Македонија до крајот на годината ги усвои неопходните законски мерки, како што посочи еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан земјата може да влезе во наредната фаза тогаш тие ќе видат дали може да понудат безусловна препорака во однос на иднината на почетокот на преговорите за членство во ЕУ и отворањето на поглавјата.
Тоа, според него, ќе се случи само доколку продолжи реформскиот процес, за чие остварување, како што рече Хан, е оптимист. Но, важно е, посочи тој, во процесот да се вклучи и опозицијата во Парламентот со цел да се обезбеди максимален консензус за остварување на националната цел. Јункер и Хан денеска имаа заедничка прес-конференција со Заев.
Заев истакна дека ќе испорачаат резултати, бидејќи реформите се пред се за доброто на Македонија. Но, во исто време, изрази очекување за нивно соодветно препознавање и вреднување од европските институции. Затоа со право, се очекува според Заев, Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ, која треба да биде соопштена наредната година.
„Очекуваме да добиеме чиста препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ од Европската комисија и евентуален датум за претпристапни преговори на ЕУ со Република Македонија во 2018 година одобрен од Советот на ЕУ“, рече Заев.