И кога ќе останам без
трошка воздух
и кога конецот на
животот ќе се скине
меѓу забите,
монистрата нека се
тркалаат надолу, додека не
ги улови сонцето
а нивниот сјај, нека стане
светлост повторно.
Ова се само грст стихови позајмени од насловната песна на стихозбирката „Бисери на животот“ на Дијана Тоска што како издание на Културно-информативниот центар од Скопје и „Фајн Арт Мултимедија“ се појави деновиве. Станува збор за нејзина втора објава по дебитанската книга „Преплетен копнеж“ од пред три години и за дело кое донесува нови 32 песни напишани на нејзиниот мајчин јазик – албанскиот.
Говорејќи за неа, поетесата знае да каже дека е позрела во однос на „Преплетен копнеж“.
„Доколку ме прашате зошто оваа книга е насловена „Бисери на животот“ одговорот е многу едноставен – сите ние ги редиме годините во нашиот живот како бисери во гердан. Во однос на ова ќе искористам еден дел кој е напишан на почетокот од оваа книга и кој вели: Писателот стои пред и зад своето дело. Со време станува белег на своето творештво“, вели Тоска.
Таа дополнува дека во овие песни додала малку идеја на поетска проза која изгледа повеќе како некаква рефлексија, некаква артикулација на впечатоци. Дека и не е случајно што повторно и во ова дело централно место зазема фигурата на жената и нејзината улога во сите сфери на животот. Дека не случајно избрала да пишува за починатата мајка на својата другарка од детството, дека една песна и посветила на Мајка Тереза – жената која целиот свет ја познаваше по нејзината хуманост, дека не случајно пее за Принцезата од Велс – Лејди Дијана која блескаше секаде каде што се појавуваше и која еден ден “се умори од животот“...
„Мојот став отсекогаш бил, е и ќе биде следниот: Да се биде жена е повеќе од сложеност на начинот на размислување. Значи, интерактивна сила, човечка сила која ја инспирира нејзината интелегенција, слободниот свет, креативноста која ја карактеризира со сите желби и сништа. Жената јас лично повеќе ја гледам како потенцијал на целиот развој на еманципацијата на општеството“.
Дијана истакнува дека во својата нова поетска објава има и песни во кои таа говори за љубовта, за убавината на животот, за староста која е една од нејзините омилени теми...Притоа ќе си припомни на она што го велат старите „дека сите ќе остариме и ќе видиме како всушност изгледа староста“.
„Староста е неопходно затворање. Зима во животот без пролет во неа, освен цвеќињата во облик на потомци. Иако никој не ја сака староста, конечно сите на некој начин посакуваат да остарат. Се обидов да го преточам во стих чувството на реалниот живот. Како и тагата, болката, сиромаштијата, среќата, љубовта, времето, душевниот мир...Сето тоа најде место на страниците на оваа моја втора книга, во „Бисери на животот“, појаснува авторката.
Говорејќи за својот ангажман, посебно во заедницата во којашто живее, Тоска смета дека самата „не е крупна феминистка“, но дека секогаш била поборник за правата на жените во освојување на нивното заслужено место во општеството, во сите пори на животот.
„Стриктно барам почитување на жената и нејзиниот интелектуален капацитет кај нас. Не дека не се почитува донекаде тоа во нашето општество, но сето тоа е повеќе декларативно отколку реално. Сеуште го нема стекнато оној степен на опфатеност на жената во сите пори на животот. Треба да се работи на тоа. И не само тоа да го правиме само ние жените, туку воопшто сите. А ние жените треба да бидеме уште многу погласни во докажувањето на светот дека го заслужуваме пиедесталот во општествената хиерархија“.
Родена 1965 година во Скопје, Дијана Тоска основно и средно образование завршува во родниот град, а англиски јазик и книжевност на Државниот универзитет во Тетово. Потем патот ја води на Факултетот за политички науки и јавна администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде се здобива со титулата магистер по дипломатија.
Моментално работи како државен советник за промоција на извозот и маркетинг во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и, разбирливо, она малку слободно време што и преостанува го користи за да ја задоволи својата младешка страст кон пишувањето.
Тоска со поезија се занимава од раното детство. Учествувала на повеќе поетски манифестации како „Скопје чита“, на поетските вечери во книжарата во Старата скопска чаршија... Нејзинато творештво е објавено во Антологијата на модерната албанска поезија, а пред неколку месеци учествуваше и на литературната манифестација „ Часот на Астрит“, што во организација на литературниот клуб Де Рада од Република Косово се одржа во Приштина. Таму нејзината поезија беше избрана како најдобра во конкуренција од 25 други творци од регионот.