Стратегијата на Русија наречена „Мека моќ“, преку која Москва се обидува политички да влијае врз евроатлантската ориентација на државите од Западниот Балкан, се спроведува и преку економијата и инвестициите, предупредуваат светски признати аналитичари и влијателни медиуми.
Колку се поголеми инвестициите, толку „притисокот“ врз регионот за негово одвраќање од НАТО и ЕУ е поголем, коментираат тие, и додаваат дека Македонија не е изолирана од тој план на Москва. Според тие анализи, најголемата битка се бие преку стратегијата за гасоводите и преку енергетскиот пазар, но не се за потценување ниту директните и индиректните инвестиции.
Според Македонско-руската стопанска комора, Македонија и Русија имаат годишна стокова размена од околу 200 милиони долари, а висината на досегашните руски инвестиции во Македонија се околу 100 милиони долари. Тука се вбројуваат енергетскиот гигант Лукоил, како најголема инвестиција, потоа Продис, Гришко, Стројтрансгаз, Пејнет, како и уделите во неколку македонски енергетски капацитети и рудници. Тука секако се вбројуваат и инвестициите на рускиот бизнисмен и конзул во Македонија, Сергеј Самсоненко, кој е единствениот руски бизнисмен кој јавно се вклучи во политиката со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ уште додека беше на власт.
„Русија има фрлено око на Македонија во однос на гасот и односите со Европа и руската Стројтрансгаз почна со конструкција на гасни делници во земјата уште во 2015 година“, објавија Меѓународната мрежа за известување за организиран криминал и корупција и КРИК, српската мрежа за истражување криминал и корупција, во партнерство со британскиот весник Гардијан, повикувајќи се на разузнавачки информации.
И новинаската агенција Франс прес објави анализа, според која, Русија и Западот, преку борба за гасниот пазар на Балканот, сакаат да го зголемат своето геостратешко значење и влијание во регионот, а со тоа и во Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според докторот по меѓународна економија, професор Влатко Пачешкоски, користењето на економијата за политичко влијание е реалност и практика, но во последно време во Македонија е мало, бидејќи Македонија јасно се изјаснила за НАТО и ЕУ.
„Македонија веќе подолго време ги креира своите реформи кои се темелат на европските вредности и со тоа влијанието на Русија преку економијата овде е минимално. Тоа се должи и висината на руските инвестиции во Македонија и висината на трговската размена на Македонија и Руската Федерација, кои се значително помали во однос на тоа што го имаме со Западот. Сметам дека капиталот како капитал од економски аспект си го наоѓа стратешкото место, а од политички аспект тоа се експонира од политички центри на моќ за да се манифестира дека нешто се случува“, вели професор Пачешкоски.
Наспроти меѓународните анализи, дел од македонско-руските стопанственици велат дека зад руските инвестиции во Македонија нема анти-НАТО и анти-ЕУ политика. Со тоа се сложува и извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора во Скопје, Дејан Бешлиев.
„Главната цел на нашата соработка со Руската Федерација е продлабочување на економските односи. Во денешните услови на интернационализација на пазарите и движењето на капиталот, ние како Македонско-руска комора не гледаме тука мека моќ, туку гледаме да дојдат што повеќе инвеститори кои ќе отворат работни места и ќе има взаемна економска корист“, вели Бешлиев.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов неодамна предупреди дека нема европски инвестиции за економско зајакнување на државите од Балканот и дека со тоа се остава отворена врата за руско и кинеско влијание. Сепак, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини вели дека најсилното влијание во регионот го има ЕУ и дека воопшто не е загрижена, што се надоврзува и на неодамнешната изјава на еврокомесарот Јоханес Хан кој вели дека Русија по малку ја нервира Европската унија, но дека тоа е сè што прави.