Роден во огнот што го зафати Балканот во 90-тите години од минатиот век, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија ја завршува работата кон крајот на годинава. Трибуналот осуди десетици луѓе одговорни за најтешките воени злосторства по Втората светска војна. Но, дали придонесе за помирување меѓу народите на овие простори?
Гоце Атанасов
Од помагање во пишувањето на историјата за горчливиот конфликт до предупредување до воените злосторници низ целиот свет дека ќе се најдат пред лицето на правдата. Ова, според експертите, е импресивното наследство што го остава Хашкиот трибунал од формирањето во мај 1993 година.
„Во почетокот очекувањата не беа многу големи“, вели главниот обвинител на Трибуналот Серж Брамерц.
Но, тој стана прв меѓународен суд кој некогаш обвини актуелен шеф на држава, српскиот претседател Слободан Милошевиќ во 1999 година. Пред Судот сведочеа над 4.000 луѓе, чии искази за масовните злосторства, според некои, е најголемата придобивка. Од друга страна Трибуналот и натаму е критикуван за неуспехот во своите највисоки амбиции, да обезбеди помирување и да го истера духот на национализмот во регионот. Всушност секоја страна мисли дека билa посудена од другата. Тоа го велат и луѓето од двете страни откако поранешниот командант на босанските Срби Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор. Граѓани од Белград велат:
„Ова е заговор против Србите. Хашкиот трибунал е формиран за да им се суди само Србите“, вели Петар Орабовиќ .
„Мислам дека ова е монтирано како што беше и претходно, како случајот со поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, вели Блажо Мастиловиќ.
„Тоа е голема неправда и трагедија за нашата земја и за нашата нација. Срамно. Затоа што, на некој начин, тој не се бранеше себе, туку нацијата“, вели Весна Дреновар.
Суада Селимовиќ во Сребреница по објавената пресуда за Ратко Младиќ рече:
„Оној израз „доживотен затвор за геноцид“ значи дека преживеавме геноцид“.
„Се однесуваше во судницата денес на ист начин како што се однесуваше во Поточари во 1995 година. Единствената разлика е што сега е постар и не носи воена униформа“, рече Ајша Омеровиќ од Сребреница.
Главниот обвинител Брамерц вели дека судските процеси сами по себе никогаш не можат да постигнат помирување.
„Тоа мора да дојде од внатре, од самите општества“, нагласува тој додавајќи:
„Многу се надевам дека новите генерации луѓе од поранешна Југославија ќе имаат многу покритично разбирање за минатото за да продолжат заедно“, вели Брамерц.
Хашкиот трибунал е првиот воен суд воспоставен од Обединетите нации и првиот меѓународен трибунал од оној во Нирнберг по Втората светска војна. Трибуналот стана модел и за слични такви ад хок судови, на пример за геноцидот во Руанда и за злосторствата во Сиера Леоне, а ја постави основата и за создавање на сегашниот Меѓународен кривичен суд.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Хашкиот трибунал е добар вовед, но далеку е од решение
Во Македонија сликата е малку поинаква, тука главните учесници во конфликтот се на иста маса и 17 години по конфликтот се дел од политичката елита. Но незадоволство има и кај македонскиот и кај албанскиот народ, ако се потпираме на резултатите од Хаг, оти се уште има раселени, бранители кои си ги бараат своите права, споменот на жртвите се одбележува скромно.
Џабир Дерала од Цивил вели општествата се тие кои мора да го продолжат процесот, прво на соочување со минатото, а потоа и на решавање и на надминување на проблемите. Хашкиот трибунал е добар вовед, меѓутоа ниту од далеку не е решение, вели тој.
„Македонија за жал, не стана мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество, а го има целиот потенцијал за едно такво модерно општество. Тоа е до некаде последица на целото опкружување, но и на крајниот неуспех на една неволност да се соочиме со реалноста на Македонија“, вели Дерала.
Хаг не ја донесе посакуваната правда во регионот. Има регистрирани воени злосторници на сите страни, но нема правда, вели аналитичарот Соња Стојадиновиќ. Кога ќе се донесат пресуди за сите злосторници, тогаш ќе има правда, вели таа.
„Не може да се каже дека некој колел повеќе или дека некој убивал повеќе од другата страна, жртвите се жртви, злосторниците се злосторници. Дали тој злосторник убил 10 или убил 100 луѓе, тој е злосторник. Кога ќе се осудат сите злосторници, на сите страни тогаш ќе добиеме помирување на овие простори“, вели Стојадиновиќ.
Ослободениот, осудениот и амнестираните
Пред Хашкиот трибунал од Македонија завршија само Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски за полициската акција во село Љуботен. На крај на процесот Бошкоски, кој во 2001 за време на конфликтот, беше министер за внатрешни работи доби ослободителна пресуда, а Тарчуловски беше осуден а 12 години затвор. По одлежани 2/3 од казната беше пуштен на слобода.
Хашките истражители испитуваа уште четири други случаи за воени злосторства извршени во 2001 година од припадници на ОНА, но никогаш не беше подигнато обвинение. Хашкиот суд ги врати предметите „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Липковска брана“ и „Непроштено“ во Македонија, но македонските судови ги чуваа предметите во фиока сè до 2011 кога собранието ги амнестираше. Тарчуловски тогаш преку писмо ја поддржа амнестијата изразувајќи надеж дека со тоа се затвора последното поглавје од 2001 година.
Пред две години тогашната опозициска СДСМ, објавувајки прислушувани разговори обвини дека Никола Груевски, како премиер, се испазарил со лидерот на ДУИ и коалиционен партнер во владата, Али Ахмети за затворање на хашките случаи со амнестија.
Македонскиот политичар и некогашен главен командант на ОНА, Гзим Острени во разговор за Радио Слободна Европа, говори за ефектите од постоењето на Хашкиот трибунал и дава оценка за мултиетничкото општество.
„Хашките процеси се залагање на правните органи на меѓународната заедница, на правото, кон оние кои се одговорни за негово нарушување, додека на македонското општество и држава и останува обврската да создадат услови за да не се повторат тие настани. При анализа на состојбата во Македонија се стекнува впечаток дека толеранцијата и доброто разбирање се истакнуваат само формално и се само реторика на носителите на функциите, што укажува дека недостасува сериозно ангажирање за менаџирање со културната разноликост за негување на интеркултурниот дијалог, за зачувување на слободата на граѓаните и етничките заедници како услов за постоење на демократска Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На линкот може да го чуете целиот разговор со Острени.
Стојанче Ангелов кој во 2001 беше полициски генерал, во август годинава, положувајќи цвеќе на споменикот на македонските бранители во „Жена парк" во Скопје, рече дека тие како Достоинство сметаат дека војната во 2001 не и беше потребна на Македонија.
„Ние како Македонци мора да сфатиме дека Албанците се наша реалност и мора да научиме да живееме со нив. Непријателствата треба да ги паметиме, но треба да се помириме“, рече Ангелов.
Подавањето рака мора да се случи
Помирувањето повеќе е меѓу нас, отколку што лежи во судските случаи, затоа што правда тешко некогаш да може да се постигне, но помирувањето и подавањето рака мора да се случи и да тргне од нас, вели Стојадиновиќ.
Таа додава дека политичарите во последните години редовно ги злоупотребуваа меѓуетничките односи, особено пред избори, вели таа.
„Беше премногу очигледно дека тие судири беа вештачки предизвикувани, фолклорот, односно вокабуларот на политичарите кога ќе ги предизвикаат тие судири беше – ете гледајте вие сте загрозени од едната група, гласајте за нас, за да ве заштитиме. Но мислам дека народот веќе не паѓа на таквиот вокабулар“, вели таа.
Во меѓувреме државата ја тресат нови поделби, тензии, искри на национализам, покрај веќе добро познатите поделби по етничка, верска и културна основа, на самиот врв во последните години се искачи партиската поделба.
Политичкото помирување ќе биде дури потешко и покомплексно вели Дерала.
„Бидејќи е помалку дофатливи и помалку конкретно да се надмине. Тука повторно мислам дека треба да се вклучат општествените сили кои немаат врска со политичките структури, односно политичките партии, бидејќи тие очигледно покажуваат дека не се подготвени, немаат капацитет, а сметам дека немаат ниту волја да ги надминат политичките поделби, бидејќи им одговараат“; вели тој.
РЕКОМ трага по вистината за жртвите
Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства 1991-2001 (РЕКОМ) години наназад работи на тоа да се дојде до вистината за жртвите во име на идните генерации. Наташа Кандиќ од РЕКОМ при неодамнешната посета на Македонија рече дека работат на тоа Балканот, односно државите кои произлегоа од поранешна Југославија да бидат нормални општества.
„Со злосторствата, со 130 илјади жртви кои беа убиени, ние престанавме да бидеме дел од цивилизацијата, и затоа сега е важно да најдеме човечка димензија. Не е нормално да се убиваат цивили, не е нормално да се убиваат деца, да се горат куќи. Ако сакаме да бидеме дел од цивилизацијата, треба да ја смениме нашата култура“, вели Кандиќ.
Таа додава дека Македонија е во подобра позиција од останатите земји во кои има далеку повеќе жртви. Иднината на другите земји не е толку лесна, ако не се најде решение како да се почитува другиот и како да се живее, како да има регионална соработува, објаснува Кандиќ. Ако нема добра комуникација со соседите, тогаш иднината е под прашалник, вели таа.
„Сите бевме дел од една држава и затоа сите треба да придонесеме во тоа да бидеме подобро општество и да имаме подобар живот во овој регион. Еден од начините како да го постигнеме тоа е да ги дознаеме имињата на сите жртви, затоа што нашите политичари, политичарите од земјите членки на некогашна Југославија земаа територии од други и видете што се случи, сега најголем дел од тие територии се празни, без луѓе. Нашата иницијатива е за тоа да постигнеме подобри односи меѓу општествата, меѓу луѓето, да изградиме нова култура базирана на сочувство, солидарност, се обидуваме да го обновиме достоинството на луѓето, да ја вратиме довербата во институциите“, вели таа.
Иницијативата на РЕКОМ за помирување на регионот, на овогодинешниот Самит на Западниот Балкан во Трст е ставена во декларацијата на Европската унија, а со тоа стана и дел од Берлинскиот процес.