Денешното рочиште во судот во Солун на кое требаше да се појават поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, е одложено за 17 мај 2018, поради тоа што еден од обвинетите од групата мигранти, во кои се и двајцата Македонци, не бил уредно поканет од страна на судот, потврди за МИА нивниот адвокат Петар Василев.
Тој потврдува и дека Грујевски и Бошковски поднеле барање за политички азил во Грција.
По Грујевски и Бошковски македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, а грчките власти ги товарат за поседување лажни патни исправи.
Тие претходно два пати беа изведени пред Судот во Солун, но рочиштата беа одлагани бидејќи грчкиот суд не можеше да обезбеди преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.
Грујевски и Бошковски беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
Тие се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Македонските власти на 6 ноември ја доставија документацијата за нивна екстрадиција од Грција.
На 13 декември Солунскиот суд треба да одлучи дали ќе го прифати барањето тие да бидат екстрадирани во Македонија.
Грујевски и Бошкоски во меѓувреме остануваат во притвор во Солун.