Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 синоќа ги прифатил жалбите на обвинителството и за тројца осомничени за насилствата во Собранието на 27 април годинава, за кои беше определен куќен притвор, одлучил да го преиначи решението и да ги испрати во притворот во Шутка, потврдија за МИА од Кривичниот суд.
Кривичниот совет денеска ќе одлучува по жалбите и за другите обвинети за кои Обвинителството бара притвор, а не куќен притвор, како и за жалбите на дел од притворените.
Вчера беше определен притвор и за три лица кои беа подоцна приведени или сами се пријавиле, а се дел од групата од 36 осомничени за настаните од 27 април во Собранието.
Меѓу осомничените кои обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија, се и шестмина пратеници за кои исто така е побаран притвор. За одземање на нивниот имунитет денеска треба да решава Собранието на пленарна седница. Комисијата за имунитетни прашања вчера одобри укинување на нивниот имунитет.