СБ:Земјите од Западен Балкан ќе ги достигнат за шест децении приходите од ЕУ

Ќе бидат потребни шест децении за нивоата на приход во земјите од Западен Балкан да ги достигнат оние на Европската Унија (ЕУ), ако економиите во регионот продолжат да растат со просечна брзина постигната помеѓу 1995 и 2015 година, се вели во новиот извештај на Светска банка. Извештајот Западен Балкан: Покренување на моторите за раст и просперитет, објавен денеска во Виена, разгледува како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, можат да го забрзаат економскиот раст и постигнат побрза конвергенција на приходите со ЕУ.

„Во изминатите години, земјите од Западен Балкан направија напори во реформи на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст, но можеби граѓаните се уште не ги почувствувале бенефитите од овој прогрес“, рече Линда Ван Гелдер, директор за Западен Балкан при Светска банка и додаде дека фокусот на структурни реформи може да го забрза економскиот раст и зајакне приходите, така што нивото на приходи ќе го достигне она на Европската унија.

Реформите и макроекономската стабилност, кои може да овозможат просечно ниво на раст од пет проценти годишно, би им овозможиле на земијте од Западен Балкан да конвергираат кон ЕУ за само две децении, место за шест, се вели во извештајот.