Судија на претходна постапка определи 30-дневен притвор и за лицата М.М и С.М. поврзано со насилствата во Собранието на 27 април. Тие вчера биле изведени пред судија на претходна постапка. Против овие решенија, тие имаат право на жалба во рок од 24 часа.
Тие се дел од 12-те луѓе кои не беа достапни за полицијата. Обвинителството побара приведување на 36 луѓе поврзани со насилствата во Собранието, но пред суд беа изведени само 24.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска рече дека оние кои не беа достапни за полицијата, најверојатно се во земјава и полицијата трага по нив.
Во врска со тоа дали ќе се распише потерница по нив, Спасовски рече дека тоа е обврска на обвинителството и на судот.
Тој не сакаше да ги каже имињата на 12-мината по кои се трага, ниту дали меѓу нив има пратеници, организатори на настаните од 27 април, напоменувајќи дека тие податоци не се споделуваат во јавноста во моментов.
На прашањето дали постојат шанси тие да избегаат и дали некој од нив има фалсификуван пасош, Спасовски рече дека МВР работи на обезбедувањето овие лица да не избегаат и да бидат изведени пред суд.