Седницата на собраниската Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, која треба да расправа за барањата за одземање имунитет на шестмина пратеници кои се осомничени за учеството во насилствата на 27 април во Парламентот најверојатно нема да се одржи вечерва, а се очекува да биде закажана за утре.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА вели дека барањата ќе бидат доставени до Комисијата онака како што е пропишано со Деловникот и дека нема потреба да се брза. Роковите и постапката ќе бидат запазени, истакна Џафери.
Кривичниот суд вчера до Собрнието достави барања за одземање на имунитетот на шестмина пратеници поради притвор.
Претседателот на Собранието Џафери откако ќе ги прими овие барања треба да ги достави до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски.
Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето.
Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата.