ХРТ објави дека починал Слободан Праљак, кој за време на денешното рочиште пред Хашкиот трибуна, по потврдувањето на 20-годишната затворска казна, испи шишенце со течност, за која беше кажано дека е отров. ХРТ ја објави оваа вест повикувајќи се на извори од семејството, но не прецизираше кој е изворот.
Хрватската новинска агенција ХИНА исто така објави дека поранешниот началник на главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана Слободан Праљак починал во болницата во Хаг.
Откако Жалбениот совет на трибуналот ја потврди пресудата, Праљак стана и рече: „Генерал Праљак не е воен злосторник и со презир ја отфрлам вашата пресуда“, по што го испи шишенцето.
Хашкиот трибунал денеска правосилно ги потврди долгогодишните затворски казни за претставници на босанските Хрвати, предводени од Јадранко Прлиќ, за воени злосторства врз муслиманите во Босна и Херцеговина во 1993 и 1994 година.
Жалбениот совет на трибуналот ја потврди првостепената пресуда дека Хрватска била вмешана во војната во БиХ и дека првиот претседател на независна Хрватска, Фрањо Туѓман бил дел од здружениот злосторнички потфат заедно со челниците на „Херцег-Босна“.