Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Кривичниот суд

VMRO-DPMNE leader Nikola Gruevski is leading a group that goes to protest in front of the Basic Court Skopje 1 after detaining MPs from VMRO-DPMNE who are suspected of the incidents on April 27

По повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, попладнево пред Кривичниот суд се одржува протест поради денешните приведувања на пратеници од нивната партија заради учество во настаните во Собранието на 27 април. Груевски дојде на протестот на кој има околу 200 луѓе, веднаш по прес-конференцијата во партиското седиште на која повика да запре „политичкиот прогон“.

Меѓу присутните на протестот се и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, Соња Тарчуловска, сопругата на пратеникот Јохан Тарчуловски, актерот Тони Михајловски и поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски.

На протестот има и неколкумина пратеници од опозициската партија.

Лицата кои протестираат се на платото пред Судот, сообраќајот на булеварот околу Судот е блокиран, а просторот е обезбедуван од полицијата.

Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и уште 35 лица, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов утрово се приведени по налог на Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава.