Поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и 35 други луѓе изутринава се приведени по налог на Јавното обвинителство. Тие се гонат за сторено кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, ОЈО ја завршило предистражната постапка.
„По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од ОЈО.
Чавков и повеќе други лица во моментов се во Кривичниот суд каде што даваат исказ пред судија на претходна постапка.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Извори од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа потврдуваат дека покрај приведувањето на Чавков, изутринава полицијата влегла и во домовите на неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата, како што велат, истите извори, влегла во домовите на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и други. Од МВР засега нема детали.
Во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека полицијата по наредба на Зоран Заев не го почитувала пратеничкиот имунитет, туку единствено политичките наредби за пресметка со неистомислениците.
„Денешниот упад и приведувањето на функционери на ВМРО-ДПМНЕ се обид да биде замолкната опозицијата и да се скрши отпорот на партијата против сите антидржавни политики што владата ги реализира периодов“, се вели во партиското соопштение.
Според првичните сознанија, Чавков е уапсен во врска со истрагата за насилствата во Собранието од 27 април, кога раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури од МВР тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратеници и пратеници и новинари. Прстот на вина и одговорност во него го впери и тогашниот министер Агим Нухиу, кој рече дека Чавков не му се јавувал на телефон, во критичните моменти.
До насилствата на 27 април дојде откако парламентарното мнозинство го избра Талат Џафери за претседател. Со качулки на главите, дел од демонстрантите влегоа насилно во прес-салата на Собранието каде што претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев одржа прес-конференција. Во салата во која беа политичарите и новинарите упаднаа маскирани лица кои ги тепаа политичарите, а повредија и неколку новинари.