Образование за меѓуетничка кохезија во Македонија

Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Младите треба да учествуваат во демократските процеси во училиштата, но и да ја почувствуваат важноста на толеранцијата и почитувањето на другите. Ова беа дел од пораките на отворањето на проектот „Меѓуетничко интегрирано образование.“

Пеејќи за убавината на различностите, млади од повеќе средни училишта во Македонија денеска го отворија проектот „Меѓуетничко интегрирано образование“, чија цел е да даде придонес во процесот на образованието и воспитувањето на младите во духот на демократијата и мултиетничката кохезија во Македонија.

Идејата е во следните пет години образовни институции, училишта, општини и граѓански организации во земјава да работат на теми за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Проектот е финансиран од УСАИД и Европската команда на војската на САД, а го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Министерството за образование и наука.

На отворањето говореа министерката за образование и наука Рената Десковска - Треневска, но и премиерот Зоран Заев и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.

Министерката Треневска - Десковска изјави дека образованието е динамичен процес, а успешното образование значи подготовка на учениците за примена на знаењата и справување со реалните предизвици и промени.

„Наша одговорност како едукатори е да бидеме подготвени за овие промени, бидејќи доколку не сме подготвени, нема да бидат и нашите ученици. Токму затоа креативноста и воведувањето иновативни практики се предуслов за обезбедување успешно образование кое одговара на потребите на сегашноста и иднината“, рече Треневска - Десковска.

Премиерот Зоран Заев изјави дека Владата цврсто е решена да го спроведе концептот едно општество за сите и дека тоа значи држава, институции и училишта за сите, наведувајќи дека разновидноста во земјава е вредност со која сите треба да се гордеат.

„Соживотот се поттикнува и учи од мали нозе, така се создаваат генерации без предрасуди, млади луѓе кои ги знаат своите права и одговорности, кои критички и позитивно размислуваат, преземаат акции за менување на нештата на подобро“, рече Заев.

Тој додаде дека Владата ќе ги мотивира сите образовни институции активно да учествуваат во процесите на меѓуетничка интеграција на образованието и дека ќе се заложат за подобрување на наставните програми за граѓанско образование, вклученост на учесниците во донесување на одлуките и за подобрување на училишната инфраструктура.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, рече дека САД ќе ја продолжат поддршката за меѓуетничка интеграција во образовниот процес, потенцирајќи оти разновидноста е една од најсилните страни на ова општество.

„Секое мултиетничко општество треба да научи дека ние сме посилни поради нашите различности, токму затоа сме горди да го поддржиме проектот за меѓуетничка интеграција на младите, да се осигураме дека следните генерации во Македонија ќе имаат целосен бенефит од оваа вредност“, рече Бејли.

На настанот беше презентирана мобилна апликација во која ќе бидат вметнати сите информации за училиштата, а ќе ја користат наставниците, родителите и учениците.