Новиот претседател на Зимбабве, 75-годишниот Емерсон Мнагагва, кој утре треба да положи заклетва, е под санкции од САД, поради неговите активности за време на владеењето на досегашниот претседател Роберт Мугабе.
Мнагагва е на мета на американските санкции поради „поткопување на демократските процеси или институции“, како и поради „насилство и прекршување на човековите права на политичките противници“.
Тој е обвинет за насилно отстранување на противниците за време на претседателските избори во Зимбабве во 2008 година.
На списокот за санкции се и 93-годишниот Мугабе, неговата 52-годишна сопруга Грејс, како и околу 100 високи функционери на кои им е забрането патување во САД и им е замрзнат имотот.
Мнагагва се подготвува утре официјално да ја преземе власта, со ветување на нови работни места. Под притисок на армијата, Мугабе ја напушти власта по 37-годишно владеење во земјата со „цврста рака“.
Мнанагва претходно му беше лојален на Мугабе, долго време беше министер за одбрана, а беше и потпретседател на владата.