Како влади и како политичари го почитуваме секуларниот карактер и не сакаме воопшто да се мешаме во работата и соработката на двете цркви, но ги охрабруваме да се изнајде решение во духот на добрососедството и пријателството, порачаа македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Борко Борисов денеска од Струмица.
Во врска со писмото што Македонската православна црква - Охридска архиепископија го упати до Бугарската православна црква, премиерот Заев рече дека се работи за прашање меѓу двете цркви, но оти може да ги охрабрат да изнајдат решение.
И бугарскиот премиер Борисов нагласи дека не сакаат да се мешаат во работата на црквите, но оти ќе бидат среќни двете цркви да соработуваат, како што двете држави соработуваат на политички план.
Тој упати и благодарност до владиката Наум и другите владици од кои денеска двете делегации беа пречекани во манастирот Водоча во Струмица.