Судскиот процес за „Таргет-Тврдина“ закажан за 22 декември

Архивска фотографија: Поранешниот началник на УБК Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

Главната расправа за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Таргет-Тврдина“ е закажана за 22 декември, соопшти Основниот суд Скопје 1.

СЈО вчера соопшти дека еден обвинет во овој случај бил правосилно осуден на условна казна од шест месеци затвор , откако признал вина. Постапката против овој обвинет, чиј идентитет не се соопштува била раздвоена, па пресудата била донесена на 17 ноември.

Во споениот предмет „Таргет - Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува најстроги казни за Мијалков и Грујевски.

Од скопскиот Кривичен суд информираат дека за „Таргет-Тврдина“ рочиште е закажано и за 17 јануари 2018 година.