Заедничката средба на владите на Македонија и на Бугарија е уште една можност за напредок на регионот, согласни премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Барисов.
„Оваа свест што ја имаме како Влади, за нашата историска одговорност, да одговориме на моментот што отвара перспективи, е значајна за нашите билатерални односи и за евроинтеграциите на Македонија и на регионот“, рече премиерот Заев.
Неговиот бугарски колега Борисов изјави дека темата за Балканот е приоритет за бугарското претседателство со ЕУ, а денешната средба е доказ за развојот на меѓусебните односи.
„Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, после тоа австриското, романското и хрватското и за две години Западниот Балкан не да биде само во вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи“, рече Борсов.
Претставници на владите на Македонија и на Бугарија во рамки на денешната заедничка седница во Струмица потпишаа неколку спогодби за соработка во повеќе области.
Двајцата премиери велат дека не се мешаат во работата на црквите, но ги охрабруваат да најдат решение.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров претходно рече дека Македонија се отвора кон сите соседи затоа што регионот може да успее само заеднички.
„Македонија никогаш немала заедничка седница со Бугарија, ќе ја има сега. Немала ниту заедничка седница со Албанија ќе ја има на 15 декември, а за првите месеци од идната година имаме договорено заеднички седници со владите на Србија и на Косово. Мислам дека се препознава новата енергија и духот кој што се обидуваме да го рашириме низ регионот дека заедно треба да ја фатиме шансата и приклучокот кон Европа“, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме в недела.
Претходната влада на премиерот Никола Груевски одржа заедничка седница со владата на Србија, а беа најавувани и седници со владите на Косово и на Албанија, но тоа не се случи. Груевски и тогашниот бугарскиот премиер Пламен Орешански, во 2013 година ја предводеа неформалната заедничка мини седница на владите на двете земји.
Поранешни дипломати и познавачи на меѓународната политика за РСЕ изјавија дека заедничките седници се можност за подобрување на добрососедските односи и за договори за важни прашања.
„Овие идеи се поздравени од меѓународната заедница, бидејќи Европската унија инсистира да бидат решени меѓусебните проблеми, недоразбирања и спорови кои постојат меѓу земјите членки на ЕУ, но и меѓу земјите кои се кандидатки“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.
Министерот Димитров се надева дека опозицијата ќе ги преразгледа ставот и позицијата во однос на договорот со Бугарија. Токму за ова прашање опозицијата пред неколку месеци му поднесе интерпелација на министерот.
„Нема покобна позиција за Македонија ако имате отворени прашања со два соседа, кои се земји членки на ЕУ“, вели Димитров.
Премиерите на двете земји на 1 август годинава во Скопје го потпишаа договорот за добрососедство. Премиерот Заев неодамна во интервју за Бугарската национална телевизија – БТВ рече дека договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годинава.
Неколку денови пред заедничката владина македонско-бугарска седница, односите со Бугарија повторно беа во фокусот, овој пат со барањето на Македонската православна црква - Охридска архиепископија до Бугарската православна црква, да ѝ биде црква-мајка ако ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА. Запрашан како ова ќе се одрази врз регионалната соработката, добрососедството и позициите на Македонија, министерот вели дека нема ангажман околу ова прашање, потсетувајќи дека државата е одвоена од црквата.
„Мислам дека тоа е прашање за црковните власти и нивниот напор да се обезбеди автокефалноста. Можеби извлекле некаков импулс од отворањето на односите со Бугарија. Сепак, би се воздржал да коментирам какви ќе бидат импликациите“, изјави Димитров.