Новиот систем не го подобри водоснабдувањето во Тетово

Архивска фотографија - Недостаток на вода за пиење во Тетово.

Граѓаните повторно се соочуват до нередовно водоснабдување и покрај новиот систем. Надлежните велат има доволно вода, прекините во водоснабдувањето се јавуваат поради честите интервенции и дефекти во градската мрежа.

Иако во септември Тетово доби нов систем за снабдување со дополнителни количини вода за пиење, жителите повторно се соочуваат со недостиг. Како што беше состојбата и пред пуштање во употреба на новиот водоснабдителен систем, есенските месеци повторно се период кога водата за пиење ја нема редовно во чешмите.

Според Борче Бојовски, техничкиот директор во тетовското комунално претпријатие, количините на вода во однос на колку жители има, е доволна. Прекините во водоснабдувањето се јавуваат поради честите интервенции и дефекти во градската мрежа.

„Во моментот до извориштата од кои се снабдува градот Тетово со вода за пиење, дотекува вода од 300 литри во секунда. Не е како недостиг на вода за пиење, оваа количина е сосема доволна да ги задоволи потребите на сите граѓани. Стандардите кои ги препорачуваат институциите во Европската унија за снабдување со вода за пиење – оваа количина е премногу за градот Тетово, и малку треба повеќе сметка да се води, за самото користење и трошење на водата за пиење од страна на корисниците. Водата рационално да се користи и троши. Да не се троши за други намени. Ако правиме компарација со водоводи од населени места во развиените земји во Европската унија тогаш разликата е драстична во однос на потрошувачката. Да не одиме многу далеку, да одиме до Хрватска, Словенија, за Австрија да не зборуваме“, вели Бојовски.

РСЕ: Таму со 300 литри вода во секунда колкав град се снабдува со вода?

„Може двојно поголем од Тетово“, тврди техничкиот директор.

Бојовски објаснува дека за Тетово постојано во минатото се граделе нови системи за водоснабдување. Тоа не значи дека постојано ќе има големи количини вода за пиење, туку дека истите ќе зависат од дарежливост на изворите и рационалното користење, образложува тој.

„Тука имаме изворишта од 1930 година. Друга вода од Шипковица, имаме од 56 година од минатиот век, зборувам големите извори на Попова Шапка, по десет години пак е направена реконструкција зголемување на тие капацитети, па доградување со нови изворишта Вакуф, Уливерички извори. Целиот тој период развоен само се надоградува, се зафаќа дополнителна количина на вода. Кога не би имале овој систем со пречистителна станица што е, со 180 литри од постоечките извори состојба во Тетово сега би била алармантна. Ова е среќна околност што во вакви услови вклучен е новиот систем за водоснабдување во градот Тетово“, вели тој.

Водата се губи и поради дотраеноста на градската мрежа, која претпријатието нема средства да ја обнови. Исто така во неконтролираното користење на водата удел има и тоа што од над 20 илјади корисници, околу 5.000 се со дигитален водомер на кој може да се измери колку вода е потрошено.

Кон крајот на октомври тетовци се соочуваат со непријатен мирис кај водата за пиење. Иако појавата траеш неколку дена испитувањата на Центарот за јавно здравје од Тетово како и на Републичкиот Институт за јавно здравје од Скопје покажаа дека нема микробиолошки и хемиско-физичко отстапувања и дека водата е безбедна за пиење.