Москва се закани дека ќе му возврати на Гугл ако им даде помало значење во резултатите од пребарувањето на текстовите од руските медиуми Спутник и РТ, објави руската новинска агенција Интерфакс.
Претседателот на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор, Александар Жаров, за Интерфакс изјави дека пред два дена испратиле писмо до Гугл, во кое бараат објаснување на изјавите на Ерик Шмит, директор на фирмата-мајка на Гугл, Алфабет, кој рече дека Гугл „работи на... намалување на рангот“ на руските онлајн медиуми.
„Кога ќе добиеме одговор, ќе одлучиме што да правиме понатаму“, вели тој, изразувајќи надеж дека нивното мислење ќе биде земено предвид и нема да мора да преземат „можни одмазднички мерки“.
Зборувајќи на Меѓународниот безбедносен форум во Халифакс на 18 ноември, одговарајќи на прашање за наводите дека Спутник шири „пропаганда“ преку нивните текстови, рече дека Гугл работи на тоа да им даде помало значење на „таквите интернет страници“, наместо да ги отстрани.
„Во основа тоа се РТ и Спутник. Ние сме свесни за тоа и се обидуваме да направиме системите да го спречуваат тоа“, рече Шмит.
Руската влада ги финансира Спутник и РТ, порано позната како Раша тудеј.
Американските разузнавачи утврдиле дека двата медиуми ширеле дезинформации објавувале негативни текстови за демократската кандидатка Хилари Клинтон во предизборната кампања за претседателските избори во САД во 2016 година.