Романската Агенција за борба против корупција вчера го замрзна имотот на лидерот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа под сомнение за злоупотреба на фондовите на Европска унија. „Имотот на Драгнеа, вреден 27,4 милиони евра е запленет, како и имотите на четири од осум лица кои се под истрага“, соопшти оваа Агенција. Драгнеа е осомничен за организирање на криминална група и за фалсификување на документи со цел за добивање на фондови на ЕУ. Тој наведе дека истрагата е политички мотивирана и се спроведува во време кога неговата партија настојува да го реформира правосудниот систем на Романија. Драгнеа е претседател на најголемата романска партија, но не може да биде премиер откако во 2016 година е осуден за местење на изборите. Тој е претседател на Долниот дом на романскиот Парламент, а му се суди и за злоупотреба на службената положба.