Советничката група на коалицијата Алијансата за Албанците, Беса и ДНЕТ по напуштањето на денешната конститутивна седница на советот на општина Гостивар информираа дека оцениле оти е неразумно да бидат дел од, како што соопштуваат, „манипулираната конститутиувна седница“. На денешната седница која треаеше речиси пет часа, со 16 гласа за Насир Муслиу од ДУИ беше избран за претседавач со советот.
Советниците на коалицијата од трите партии во соопштението тврдат дека до вчера имале обезбедено мнозинство од над 16 советници за конституирање на Советот на Општина Гостивар. Од тие причини, наведуваат советниците, за денеска иницирале одржување конститутивна седница, но во меѓувреме како што тврдат дошло до промени на состојбата поради притисоци на претставници од извршната власт.
“Вчера во доцните часови, во Гостивар престојувал министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски. Тој злоупотребувајќи ја неговата функција, успеал преку закани и уцени да ги натера општинските советници од помалите партии да преминат на страната нагубитниците на изборите”, стои во соопштението на советниците на ОпштинаГостивар од редовите на Алијансата за Албаницте и Движењето Беса.
Советниците од трите партии од коалицијата како и од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата на Советот. Во вториот круг од локалните изброи, досегашниот министер за здравство Арбен Таравари кој е од Алијансата за Албанците, го победи Невзат Бејта од ДУИ кој беше досегашен градоначалник на Гостивар.