Европскиот суд за човекови права во Стразбур констатира повреда на верската слобода во случајот Православна Охридска Архиепископија(ПОА). Во пресудата се укажува на должноста Македонија да остане неутрална и непристрасна во извршувањето на нејзината регулаторна моќ во нејзините односи со другите религии и верски групи. Како што соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, во денешната пресуда на ЕСЧП констатирано е прекршување на членот 11 (слобода на собирање и здружување) во врска со членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата) од Европската конвенција за човекови права, која произлезе од одбивањето на надлежните да се регистрира Православната охридска архиепископија (ПОА) како посебна верска заедница. Од Хелсиншки појаснуваат дека и покрај двете постапки за регистрација на здружението кои беа водени пред домашните судови, и двете барања беа одбиени од формални причини.