Велика Британија се подготвува да му префрли над 400 милиони фунти на Иран, додека бара ослободување на затворена иранско-британска хуманитарка, објави британскиот весник Телеграф.
Британија му ги должи овие пари на Иран како резултат на спорен договор за оружје во 90-тите години од минатиот век и бара правни совети за тоа дали може да му ги префрли парите на Иран.
Повикувајќи се на неименувани британски владини и дипломатски извори, Телеграф објави дека Лондон не сака директна врска меѓу исплатата и ослободувањето на затворената хуманитарна работничка Назанин Загари-Ратклиф, но се надева дека со тоа ќе го одоброволи Техеран.
Британскиот секретар за надворешни работи Борис Џонсон вети дека ќе направи сè што е во негова моќ за ослободување на Загари-Ратклиф, која беше уапсена во Техеран во април 2016 и беше осудена на пет години затвор за заговор за соборување на иранската свештенска власт.
Осудената, која е проект-менаџер во Фондацијата Томсон Ројтерс, ги негира обвинувањата.
На апсењата на Иранци кои имаат двојно државјанство од некоја од западните земји во 2015 и 2016 се гледаше како на обид на Исламската револуционерна гарда да ги поткопа напорите на претседателот Хасан Рохани за подобрување на односите со Западот.