Додека американските експерти, како Даниел Сервер, наведуваат дека Русија ќе проба да ја спречи Македонија да влезе во НАТО преку притисок врз Грција, финансирање на анти-НАТО политичари, изнајмени демонстранти, интензивна пропаганда, оружени провокации и дури и атентат и државен удар, домашните експерти очекуваат Москва да го потврди незадоволството од проширувањето, но не и да преземе какви било активности кои што би и наштетиле на Македонија. Сепак, дел од нив велат дека поради нагласената прозападна ориентација на Македонија очекувани се обиди за зголемување на руското влијание во општеството.
„Македонија не само што е дел од оваа инвазивна империјална стратегија на путиновата администрација, туку е особено значајна поради својата значајна геостратегиска положба. Е сега од политички аспект, македонското општество кое е доминантно определено да чекори кон членство во ЕУ и НАТО, очекувано ќе се соочува со обиди за инфилтрирање, кое наједноставно и најефикасно се остварува преку духовното, а тоа е православието“, вели професор Љупчо Ристовски од институтот Интегра.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека не очекува Русија дa преземе активности кои би имале негативни последици врз Македонија.
„И историски гледано и од аспект на меѓународните односи, сега не гледам причини, ниту сериозен обид на Русија по секоја цена да ја спречи Македонија да стане член на НАТО. Нивните ставови искажани преку соодветни служби на Русија се дека е подобро Македонија да остане неутрална, но апсолутно сум сигурен нема да презема мерки и активности кои би и наштетиле на Македонија“, изјави Марковски.
Можни дипломатски и економски санкции
Според зборовите на поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин, важен е фактот што Македонија 17 години е пред вратата на НАТО. Според него, можните реакции на Русија би биле изразени со дипломатски и економски мерки. Ружин изјави дека очекува Москва евентуално да забрани увоз на македонски стоки, како што се случи со Црна Гора, но оценува дека не може да се прават паралели меѓу двете земји.
„Македонија нема некоја позначајна позиција во смисла на претходни големи инвестиции од Москва како што беше во Црна Гора, но сепак Македонија е држава која има значајна геостретешка позиција во однос на интересите на Русија пред се гео - енергетските интереси на Русија. Во таа смисла можната реакција би била повеќе на дипломатски план, одредени ситни манифестации, недоразбирања“, вели Ружин.
Во својата анализа Ружин вели дека живееме во свет во кој понекогаш има одредени разидувања по извесни точки, но дека сепак глобално сите имаат еден заеднички непријател, а тоа се пред сè терористичките напади.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов оценува дека во јавноста се предимензионира заинтересираноста на Русија околу Македонија.
„Нивни стратешки интерес е да имаат добри односи со Србија и Грција итн. Но дали тие релации ќе ги користат за блокада? Mислам дека таа блокада ќе биде неуспешна. Зашто клучот е во Грција. Ако Грција прифати компромис околу нашето уставно име и тогаш нема да има отпор, ниту идеи Русија да организира тука демонстрации и атентати и мислам дека таквите оценки се претерани и паушални. И засега немаме такви информации дека на тој начин би се спротивставила Русија“, вели Трајанов.
Инаку, влегувањето на Црна Гора во НАТО произведе тензии на релација Москва - Подгорица.
Во интервјуто за црногорското радио Антена М кое беше емитувано и на тамошните телевизии, премиерот Зоран Заев споменува реакција на Москва во контекст на влегување во НАТО.
Трајанов вели дека случувањата во Црна Гора по повод нејзиното влегување во НАТО не може да бидат предупредување за Македонија.
„Тука може да се јави национализам околу прашањето за нашето уставно име, но самиот чин на влез во НАТО ќе биде подржан од сите и тоа не прави различни од Црна Гора, каде што имаше внатрешни турбуленции, зашто половина од населението беше против земјата да влезе во НАТО и тоа ја направи таму состојбата нестабилна со обид за атентат“, вели Трајанов.