Даниел Сервер, експерт за Балканот и професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс оценува дека е можно во 2018 година да се направи пробив во решавањето на спорот за името и отстранување на блокадата за прием на Македонија во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Коментирајќи ги оптимистичките очекувања од Скопје, Атина, но и од Вашингтон, искажани преку заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Ји, Сервер вели дека решение може да се најде особено во однос на приемот на Македонија во НАТО, затоа што условите „во моментов се ветувачки“.
Тој очекува остро противење од Москва, велејќи дека „Русите ќе пробаат сè што можат за да ја спречат Македонија да влезе во Алијансата“.
„Притисок врз Грција, финансирање на анти-НАТО политичари, изнајмени демонстранти, интензивна пропаганда од РТ и Спутник, оружени провокации, дури атентат и државен удар, сето тоа ќе биде на нивното мени. Најдобро е да бидете подготвени за најлошото“, вели Даниел Сервер во изјава за МИА.
Нова рунда разговори на преговарачите на двете земји со посредство на Метју Нимиц, по подолга пауза, се очекува да биде одржана на 20 или 21 овој месец.