Со работилницата за калиграфија што ќе ја води иранскиот дизајнер Реза Абедини и со Ретроспективната изложба на современиот македонски плакат, овој вторник, на 14 ноември започнува 10-то јубилејно издание на меѓународниот Скопје постер фестивал, традиционалната манифестација посветена на студентите по графички дизајн и визуелни комуникации. И на него, во наредните 10-на дена, во Музеј на град Скопје – како главна изложбена локација и на уште четири други, планирано е да се случат главната Изложба на 10. Скопје постер фестивал, онаа на која ќе бидат изложени плакати од минатогодишните победници, специјалната изложба на дела од членовите на жирито, а тука се и работилницата за минимал дизајн и за курирање и пишување критика за дизајн.
И, кога ова е веќе познато не случајно се наметнува заклучокот дека една умна идеја донела плод и дека, наспроти премрежјата во годиниве наназад, особено радува што интересот на македонските студенти за учество на Скопје постер фестивал е се поголем, а расте и интересот за манифестацијата од страна на графичките дизајнери.
„Ова не го размислувавме дека ќе прерасне во нешто толку големо затоа што нашето поднебје, претежно за ваков вид на проекти и на фестивали, не е баш најотворено. Зборувам и од аспект на публика и од аспект на подршка, меѓутоа ако погледнеме наназад во овие 10 години, кога на самиот почеток имавме само една изложба која ја отворавме како финале од конкурсот, а еве сега имаме пет локации на случувања, настани, работилници, конференции...секако дека нашите очекувања како организатори беа сериозно надраснати“, вели Гере Постеров, проект менаџер на Скопје постер фестивал.
Инаку, годинава студентите учесници на Меѓународниот конкурс од 61 земја во светот твореа на навистина интересна и провокативна тема „Вештачката интелегенција и реалноста“. Нивните трудови ќе бидат претставени на изложбата што ќе се одржи во четврток на 16 ноември, во 21 часот, во Музеј на град Скопје на која ќе бидат соопштени и имињата на победниците. Во пресрет на овој чин, а во однос на понудата Постеров истакнува дека се забележува употреба на најразлични стилови кај студентите, со акцент на користење на минимализмот како одреден актуелен тренд. Тој дополнува дека притоа бележито е и користењето на некаков симбол во самото дело или, пак, посегање по одредена моќна едноставна порака искомбинирана со определени контрасти кои вклучуваат селектирани видови на елементи од темата.
„Она што јас би го издвоил е и сe поголемото учество на македонските студенти. Ние тоа од оваа година го работевме заедно со професорите и овој конкурс стана веќе и стандарден во наставната програма на сите релевантни факултети за дизајн и мултимедија во Македонија“, смета Гере додавајќи дека веќе не е тајна дека годинава има повеќе плакати на нашите претставници што ќе влезат во финалната селекција и со самото тоа ќе бидат во потесен избор за победници на конкурсот“, вели тој.
В петок, на 18 ноември, пак, е планирано одржувањето на Дизајн конференцијата и панел дискусијата за тоа како може дизајнот да влијае на подобрување на условите или стандардот на живеењето на луѓето со попреченост. Згора на тоа, во овој формат, ќе бидат претставени и петте успешни приказни како да се биде признаен графички дизајнер, по што ќе биде претставена и изложбата на дела на членовите на жирито – творци како мајсторот на калиграфијата Реза Абедини од Иран, Лех Древински – извонредниот полски дизајнер кој живее и успешно работи во Германија ( автор на фантастични минималистички постери), дуото од Хрватска THIS TOWN NEEDS POSTERS кое го чинат Свен Содиќ и Хрвоје Спудиќ и работат „аналогни постери“ и нашите Лазар Трипков и Иван Дургутовски.