Зајакнување на безбедносните врски меѓу земјите од ЕУ

Министрите за надворешни работи и за одбрана од ЕУ во Брисел

ЕУ постигна напредок кон засилување на одбранбените врски меѓу повеќе од 20 земји членки кои се обврзаа да ја продлабочат соработката и да го подобрат координацијата во развој на воена опрема. На денешниот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана од Франција, Германија и уште 21 членка на ЕУ во Брисел, беше потпишан договор за нивната намера за формирање Постојана структурна соработка за безбедност и одбрана(ПЕСКО).

Се очекува иницијативата официјално да започне на состанокот на лидерите од ЕУ во Брисел на 14 и 15 декември.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, оцени дека потпишувањето на договорот е историски момент.

Пактот, на кој се работи повеќе од една година, е дел од напорите предводени од Германија и Франција за зајакнување на одбранбените врски како начин за рестартирање на Унијата по референдумот за излез од ЕУ во Велика Британија. Дипломати од ЕУ, кои инсистираа на анонимност, за Радио Слободна Европа велат дека референдумот за Брегзит и притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп до европските сојузници за зголемување на трошоците за одбрана ги поттикнале земјите членки да дејствуваат.

Учеството во ПЕСКО е доброволно, а земјите кои одлучиле да не се приклучат сега, ќе може тоа да го направат и подоцна.

Ирска, Португалија и Малта се неодлучни дали сакаат да се приклучат. Данска и Велика Британија, која е на пат надвор од ЕУ, не се очекува да учествуваат.

Во писмото за известување се наведува дека ПЕСКО „треба да биде во согласност со обврските“ во рамките на НАТО. Во анексот се наведува дека „долгорочната визија на ПЕСКО треба да биде да се дојде до целосно кохрентен спектар на силите, комплементарен со НАТО, кој ќе продолжи на биде камен-темелник на колективната безбедност за нејзините членки“.