По месец и половина, предлог законот за употреба на јазиците повторно е пред пратениците. И на продолжението на пленарната седница на која на дневен ред е првото читање, пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обвинија за антидржавни политики на владата предводена од СДСМ.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска, повикувајќи се на изјави на вицепремиерот Бујар Османи и премиерот Зоран Заев, спомена промена на името и обвини дека оваа, како што рече, ненародна власт не ја интересира мислењето на граѓаните во однос на државните и националните интереси.
„Логично е дека штом вака мисли за промената на името на државата, сигурно оваа власт истото го мисли дека овие избори всушност биле и референдум за овој закон за воведување на двојазичност во Република Македонија“, рече Лашкоска.
Реплицираше Жаклина Лазаревска од СДСМ, тврдејќи дека граѓаните на изборите веќе се изјасниле.
„Прекинавме со дискусија за оваа точка, па се одржаа локалните избори. На нив граѓаните во огромно мнозинство ви кажаа што мислат во однос на тоа како дискутирате и ја водите оваа дискусија“, рече Лазаревска.
Бурна собраниска расправа
Комисиската расправа почна во почетокот на септември, а пленарната седница беше прекината на 23 истиот месец. Главните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ беа дека собраниската комисија за европски прашања не е матична за тој закон, бидејќи тој не значел усогласување со европското законодавство, дека законот е противуставен и дека со неговата примена нема да дојде до кохезија во општеството туку до разединување.
Уште на почетокот Илија Димовски, координатор на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека ќе ги искористат сите механизми за да го спречат носењето на законот. Во меѓувреме, покрај долгите дискусии и чести реплики се случуваше и пратениците од опозициската партија да ја блокираат собраниската говорница со што се подгреваше атмосферата во парламентот.
На 23 септември, кога претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата поради локалните избори, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски наведе дека со истрајност, деноноќни дискусии и правни аргументи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ успеале да го оневозможат гласањето за „неуставниот Закон за јазици, кој спротивно на собранискиот Деловник со злоупотреба на европското знаменце и без јавна дебата, владата на Зоран Заев сакала нетранспарентно да го протурка во Собранието“.
Премиерот, пак, тврди дека со усвојувањето на законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија и дека сите одредби се согласно членот 5 од Уставот.
Пратениците од ДУИ во текот на досегашната дебата ги обвинија колегите од ВМРО-ДПМНЕ за недоследност. Пратеникот Џеват Адеми рече дека додека траеле преговорите за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истиов тој закон не бил противуставен за партијата.
Што предвидува предлог-законот?
Предлог- законот за употреба на јазиците е дел од планот на владата за забрзана евроинтеграција именуван 3-6-9. Во него се наведува и дека тој ќе предизвика финансиски импликации врз Буџетот на Република Македонија во износ од 106 милиони денари кои ќе се обезбедат во буџетот за 2018 година. Во буџетот за идната година, што помина на владина седница и се чека да се најде пред пратениците, поврзано со законот за јазиците превидени се пари за секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и новормираните инспекторат за употреба на јазиците и Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.
Со предлог-законот се предвидува на целата територија на земјава и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо. Ако се изгласа и и во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, ќе биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.