Има начелна согласност од сите политички партии застапени во Собранието за прифаќање на дијалогот „Жан Моне“, изјави известувачот на ЕП за Македонија Иво Вајгл по дводневните разговори со координаторите на пратеничките групи во македонскиот законодавен дом.
„Јасно е дека преовладува дух на соработка и желба да се работи во интерес на земјата. Постои волја кај сите политички партии да ги стават интересите на земјата на прво место“, рече Вајгл на заедничката прес-конференција со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Вајгл тврди дека иницијативата „Жан Моне“ не е замена или продолжение на Пржинскиот договор, туку негова цел е отворање дијалог што би ја зголемил емпатијата и отворањето дискусија без притисок на јавноста и на медиумите, што ќе придонесе кон конструктивно функционирање на Парламентот.
„Ве уверувам дека ЕП дава поддршка на проширувањето. Важно е Македонија да ги спроведе амбициозните реформски проекти што е од есенцијално значење за отворање на преговорите со ЕУ во догледно време. Датум сепак не можам да кажам“, порача Вајгл.
Запрашан за можен датум за одржување на средбата, Вајгл најави дека тоа е последната недела од јануари. Тема на првиот состанок ќе биде Деловникот на Собранието и Етичкиот кодекс за пратениците како и владеењето на правото. Состанокот ќе биде во формат по еден координатор и еден пратеник од пратеничката група. На состанокот ќе присуствуваат и Џафери како претседател на македонскиот Парламент, еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и претставник од Владата на Франција како земја домаќин.