Косовската влада издвоила 219 илјади евра за покривање на трошоците на семејствата на косовските државјани убиени и казнети во случајот Диво Насеље во Куманово.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на седница на владата изјави дека секое семејство ќе добие по 10 илјади евра. Средствата се извлечени од програмата „непредвидени трошоци“.
Министерството за финансии е должно да ја спроведе оваа одлука.
Кривичниот суд во Скопје на 2 ноември донесе одлука дека 33 од 37 обвинети за тероризам и за терористичка организација се виновни за ова кривично дело, а четворица беа ослободени. Седум обвинети беа осудени на доживотен затвор, 13 добија 40 години затвор, а другите беа осудени на казна затвор во траење од 12 до 20 години. Седумнаесет лица од оваа група се од Косово. На 3 ноември, во одделен судски процес, друг обвинет беше осуден на доживотен затвор.
По пресудата, неколку десетици граѓани протестираа во Приштина. Харадинај тогаш на демонстрантите им рече дека е изненаден од пресудата, додавајќи дека е неопходно да се побара меѓународна истрага.