Изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека наводно Русија подготвува негова ликвидација се неосновани инсинуации и обид за самореклама, рече денеска Марија Захарова, портпаролка на министерството за надворешни работи на Русија. Во изјавата која ја пренесува руската информативна агенција Спутник, Захарова вели и дека таквите изјави служеле единствено како покритие за забрзано внесување на балканската земја во северноатлансткиот пакт.
„Сметаме дека не само што таквата изјава претставува неоснована инсинуација, дури и некаква манична конструкција туку во принцип личи и на некоков обид за саможртвувачка реклама. Најважно е што таквите изјави им наштетуваат на руско македонските односи и очигледно се разликуваат од декларираната подготвеност на Скопје да гради конструктивна соработка со нашата земја“ рече Захарова.
Премиерот Зоран Заев во интервју за црногорското радио Антена М деновиве изјави дека Македонија нема друга алтернатива освен влез во Алијансата.
„Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко. Подготвени сме. Мојата земја нема друга алтернатива. Јас само велам вака: Ние сакаме да ја унапредиме нашата соработка со Русија, сакаме што повеќе домати да продадеме таму, и зелка и сите наши земјоделски производи што ги имаме. Но, ние немаме алтернатива за НАТО“, изјави Заев во интервју радиото во Подгорица.