Македонија ќе направи сè што може да го фати возот и заедно со Црна Гора и Србија да стане членка на ЕУ и преку надминувањето на заостанувањето во однос на реформите да ја убеди Европската комисија во тоа, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот црногорски колега Срѓан Дармановиќ.
„Ќе направиме сè што можеме да го фатиме тој воз и да ја убедиме Европската комисија и претседателот Јункер дека е многу важно во тој документ што ќе го објават во февруари да има простор Македонија да го надомести заостанатото“, рече Димитров.
Тој посочи дека Македонија е подготвена да разгледа предлог за формирање комитет за ревизија на учебниците по историја меѓу Македонија и Грција, доколку е на паритетна основа.
„Балканот е многу оптоварен со историја и кога две земји решиле да се зближат и да надминуваат разлики, да градат мостови, корисно е да учиме од искуствата на други земји како Франција и Германија, Германија и Полска. Сè додека е тоа на паритетна основа и двострано и сè додека историјата ја оставаме на историчарите, а политиката на политичарите“, изјави Димитров, одговарајќи на новинарско прашање.
За ова прашање, како што посочи Димитров, станало збор на неговата средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Њујорк, како можност историчари-експерти да почнат да разговараат за ова прашање.