„Рајските врски“ на САД со Русија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Секретарот за трговија на САД ги демантира руските врски

По објавувањето на „Рајските документи“, американскиот секретар за трговија Вилбур Рос изјави дека не направил ништо лошо и оти прописно ги обелоденил неговите инвестиции во една транспортна фирма која има врски со блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.

Секретарот за трговија на американскиот претседател Доналд Трамп, милијардерот Вилбур Рос, ги отфрли наводите дека не кажал дека имал деловни врски со внатрешниот круг на рускиот претседател Владимир Путин.

„Документите ја изопачија приказната“, изјави Рос кој е принуден да се брани по објавувањето на таканаречените „Рајски документи“, кои протекоа во германскиот весник „Зидојче цајтунг“ со детали за инвестиции на богати поединци.

Документите го опишуваат уделот на Рос во шпедитерската фирма „Навигатор холдингс“, за која „Њујорк тајмс“ пишува дека заработува милиони долари годишно на транспорт на гас за руската петрохемиска фирма „Сибур“.

Весникот „Тајмс“ пак наведува дека меѓу акционерите во оваа фирма е и Генадиј Тимченко, руски олигарх, кој моментално е под санкции на САД, како и зетот на Путин, Кирил Шамалов.

Рос за Би-Би-Си изјави дека нема ништо неисправно во врска со оваа инвестиција.

„Компанијата која е наш клиент, Сибур сама по себе не беше санкционирана, сега не е санкционирана и никогаш не била санкционирана“.

Според Рос, тоа значи дека никогаш немало ништо несоодветно со таа зделка.

„Ако нашата влада реши да ги санкционира, тоа ќе биде поинаква приказна. Нашата влада досега не решила да ги санкционира, па нема ништо лошо во тоа. Фактот дека тоа се случува со руска компанија не значи дека има некакво зло во тоа.“

Како и да е, сево ова доаѓа во време кога напредува истрагата за контактите на изборната кампања на Трамп со Русија.

Инаку, откриените документи за офшор инвестиции, наречена „Рајски документи“, покажаа скриени банкарски активности на некои од најбогатите луѓе во светот.

Меѓу нив, освен Вилбур Рос, се и британската кралица Елизабета и некои светски фирми, како „Најк“, „Убер“ и „Фејсбук“.

Во меѓувреме, британскиот весник „Гардијан“ објави дека милиони фунти од приватниот имот на кралицата биле инвестирани во фонд на Кајмански Острови како дел од оф-шор портфолио кое никогаш претходно не било откриено.