СЈО бара максимална затворска казна за Грујевски

Архивска фотографија: Горан Грујевски пред Основниот суд Скопје 1

Бегството на поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски е една од причините зашто Специјалното јавно обвинителство бара максимална казна затвор за него во случајот „Тврдина 2 “. Обвинителката Ленче Ристоска на денешното рочиште во своите завршни зборови истакнала дека е потребно судот при изрекувањето на казната да ги има предвид отежнителните околности, односно бегството на Грујевски и тоа што кривичното дело, како што вели таа, го сторил на најдрзок начин, злоупотребувајќи ја својата службена моќ, јавуваат македонските медиуми.

За останатите шест службенички во УБК, Ристоска побарала алтернативна казна, односно да биде ценето како отежнителна околност тоа што тие не се покајале за стореното, а како олеснителна тоа што досега немале сторено друго кривично дело.

Ристоска во завршните зборови истакнала дека според прибраните докази, обвинетите го сториле кривичното дело со умисла и дека мотивот за уништувањето на документацијата бил очигледен - „да се уништат доказите за луѓето кои незаконски го спровеле прислушувањето“.

Одбраната во завршните зборови побарала од судот да ги ослободи сите обвинети, зашто делото за кое СЈО ги гони не е воопшто кривично дело и воедно за нив е спорна и надлежноста на СЈО.

Грујевски е првообвинет во овој случај. Тој се наоѓа во екстрадициски притвор во Солун каде што го очекува судењето во декември за користење на фалсификувана патна исправа. Тој и неговиот колега од УБК, Никола Бошкоски, беше уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун со фалсификувани бугарски пасоши. Македонските институции во меѓувреме ја започнаа постапката за екстрадиција која ќе се формализира по завршувањето на солунскиот судски процес.