Заев-функционерите за кои се води истрага се именувани во август

Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев, кој престојува во работна посета во Будва, попладнево одговарајќи на новинарско прашање обелодени дека двајцата владини функционери, за кои пред два дена откри дека имало истрага, се именувани во август.

„Се работи за два случаи кои се веќе пријавени од граѓани и се процесуирани во постапка на истрага за луѓе што се именувани од оваа влада и тоа почетокот на месец август. Јас само тоа ќе го повторам, ако тоа некој добро го чита, ќе знае дали се работи за министри, директори или слично. Потенцирам, почетокот на месец август. Не сакам детали да дадам заради тоа што и немам право да дадам, може да се случи овие луѓе да не бидат виновни, може да бидат виновни, тоа е оценка на истражните органи“ рече Заев.

Министрите во владата што ја предводи Заев беа избрани на први јуни, а дваесетина дена подоцна беа избрани нивните заменици. Во почетокот на август, период што го нагласи премиерот, владата на седница именуваше 67 директори на органи, државни управи и казнено поправни установи што се во надлежност на владата.

Премиерот во средата на самитот Македонија 2025 рече дека се води истрага по дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци. Тој денеска престојува од Будва каде што учествува во регионалната Економска конференција на Црна Гора 2017.