Македонската филхармонија со премиера на „Симфонија бр. 3“ од Горецки

Македонската филхармонија утре вечер премиерно ќе ја изведе една од најубавите, но и најпопуларните симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажни песни“ или позната и како Симфонија бр. 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки. Солист ќе биде македонската оперска дива, сопранистката Ана Дурловски, а со оркестарот ќе раководи маестро Емил Табаков од Бугарија.

По исклучително успешното влегување во новата сезона и брилијантната изведба на „Концертот за пијано и оркестар бр. 1“ од Чајковски каде солист беше Дино Имери, Македонската филхармонија е исправена пред својот втор значаен предизвик. Премиерната изведба на една од најубавите, но и најпопуларните симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажни песни“ или позната и како Симфонија бр. 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки.

Создадена во 1976 година, „Симфонија на тажни песни“ е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна. Изведена е на комеморацијата на жртвите од холокаустот во 1992 година. Со Лондонскиот симфониски оркестар во таа пригода диригирал познатиот Давид Цинман, а како солист настапила прочуената сопранистка Даун Апшоу. Објавата со снимката доживела фантастичен успех на сите официјални листи во САД и во Велика Британија, а бројот на продадени носачи на звук (винилски плочи) ја преминал бројката од еден милион со што ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор. Затоа, кога новинарите го прашале нејзиниот автор, композиторот Горецки да ја искоментира изведбата, тој само одговорил: „Ајде малку да молчиме за тоа“.

Притоа, особено интересно е и тоа што „Симфонијата на тажни песни“ се смета за едно од значајните цивилизациски остварувања кое својата популарност ја темели не само преку интересот на приврзаниците кои доаѓаат од сферата на класичната музика, туку и оние кои себе си повеќе се препознаваат како дел од милјето на поп-културата. Ниту еден класичен композитор, всушност, не достигнал таква комерцијалност како Горецки со ова дело.

Тој е водечка фигура на полската авангарада за време на постсталинизмот. Под влијание на Вебер, на почетокот ги создавал своите дела во серијална техника, за потоа следејќи го она што го творат Луиџи Ноно, Карлхајнц Штокхаузен и Кшиштоф Пендерецки започне да го проучува т.н. дисонантен модернизам.

Следователно на тоа дошло фокусирањето на духовниот минималистички звук кој го најавува во Симфонија бр. 2 и го заокружува во Симфонија бр. 3. Негови познати дела во оваа насока се и „Беатус Вир“, химната „Мизерере“, „Мал реквием за една Полка“ или реквиемот „Добра ноќ“...

Од друга страна, поради нејзиниот несомнен квалитет, огромен талент, музикалност и нескриена жар за музика, Ана Дурловски со право ја нарекуваат македонската и светска оперска дива.

Таа е воопшто првиот македонски уметник што настапи на сцената на престижниот „Метрополитен“ во Њујорк, а зад неа се и мноштво улоги што ги реализира и на реномираните сцени низ Европа.

Родена во Штип 1978 година, Ана магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Билјана Јовановска-Јакимовска, по што продолжила на специјализација во Виена во Камерното студио на Оливера Миљаковиќ.

На 21-годишна возраст дебитирала на сцената во Македонската опера и балет со улогата на Лучија во операта „Лучија од Ламермур“.

Потем уметничкиот пат ќе ја одведе во Операта во Мајнц, Германија, по што следуваа ангажманите во виенската Штац опера и оние во Берлин, Франкфурт, Минхен, во Кралската опера во Мадрид...

Сопранистката денес е постојан член на ансамблот на Операта во Штутгарт и е првенец во Македонската опера и балет во Скопје. Покрај концертната активност, таа ги носи улогите на Гилда во „Риголето“, Амина во „Месечарка“, Олимпија во „Хофманови приказни“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Виолета во „Травијата“, Зербинета во „Аријадна на Наксос“...

За својата уметничка дејност добитничка е на значајни награди и признанија, како наградата „Маријана Радев“ на Република Хрватска за најдобар оперски изведувач, па театарската награда „Фауст“ за најдобар оперски изведувач во 2012 година во Република Германија... Прогласена е и за „Доживување“ на истата таа година од страна на оперското списание „Опернвелт“, и е номинирана за најдобар изведувач во наредната 2013 година. Тука е наградата „Виртуози“ на СОКОМ и државната награда „23 Октомври“.

Во престижната њујоршка оперска куќа „Метрополитен“ дебитираше во октомври 2014 година со улогата на Кралицата на ноќта и го освои срцето и на светската музичка публика. Пееше и во премиерата на операта „Беренике“ од Јомели во Државната опера во Штутгарт, во режија на еден од најдобрите режисерски тандеми – Јоси Вилер и Серџо Морабито, а настапи и на престижниот фестивал „Бајрот“, посветен на творештвото на Вагнер. Министерството за култура ѝ ја додели титулата национален уметник на Република Македонија.

Маестро Емил Табаков (1947) се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија... Диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер, потем оние од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен.

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на носачи на звук. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата „Личност на годината“ според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.