Украинскиот амбасадор во Белград: Русија ја користи Србија за дестабилизација на Балканот

Украинскиот амбасадор во Србија, Олександр Александрович

Украинскиот амбасадор во Србија, Олександр Александрович изјави дека Москва ја користи Србија и српскиот фактор да го дестабилизира Балканот и да ја уништи Европа. Во интервју за БИРН, Александрович вели дека „Русија обучува српски платеници да убиваат Украинци“, „ги искористила српските екстремисти за државен удар во Црна Гора“ и „го поттикнува српскиот сепаратизам“ во Република Српска.

„Русија го користи српскиот фактор да ја дестабилизира Македонија. Русија игра активна улога во спротивставувањето на косовските Срби на косовските Албанци. Русија ѝ продава авиони на Србија за да создаде напнатост во односите со Хрватска“, вели украинскиот амбасадор во Белград, додавајќи дека тоа се само некои од причините поради кои западните функционери ја предупредиле Србија од ризиците поради блискиот сојуз со Москва.

Александрович вели дека на рускиот претседател Владимир Путин не му е гајле за Србија, туку дека ја користи за да создаде хаос, да поттикне нови војни на Балканот и да ја уништи Европа.