Во Апелациониот суд Скопје денеска се одржува јавна расправа за тоа дали снимките од прислушуваните разговори ќе можат да се користат како доказ во случајот на СЈО „Тендери“, во кој е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот на СЈО Стевчо Донев на денешната јавна седница рече од содржината на прислушуваните разговори, кои се приложени како доказ, произлегува дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар.
Според адвокатот Сашо Дуковски, кој ја брани Канческа–Милевска, незаконски стекнати докази не може во никој случај, по ниту еден домашен закон, Уставот и меѓународни договори да бидат доказ во судска постапка. Побара „бомбите“ да не бидат земени како докази.
На денешната седница не присуствува поранешната министерка за култура Канческа-Милевска.
Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на 27 септември годинава ги одби т.н. „бомби“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.
Во случајот „Тендери“ обвинета е Канческа-Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. Во „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев Град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Снимките од прислушуваните разговори досега се прифатени како докази во предметот „Триста“ за набавка на возила во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и за „Насилство во Центар“ во кој е обвинет поранешниот премиер Никола Груевски, а се отфрлени за „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.
Седницата во Апелациониот суд вчера беше одложена поради отсуството на судијката Лилјана Ивановска-Шопова поради службени обврски.