Собранието на денешната седница го констатираше престанокот на мандатот на кандидатите за градоначалници од СДСМ кои беа избрани на функцијата по гласањето на првиот круг на локалните избори. Дел од пратеничкиот состав на СДСМ повеќе нема да бидат Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски. Собранието ги констатираше и оставките на пратеникот на ДПА, Бардиљ Даути и на пратеникот Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја повика Државната изборна комисија да го извести законодавниот дом кои пратеници ќе ги заменат оние на кои им беше констатиран престанокот на мандатот. Седницата на која ќе бидат верификувани мандатите на новите пратеници, како што најави Џафери, треба да продолжи во 13 часот.