Делегација на Владата на Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, одржа средба со амбасадорот на ЕУ Семуел Жбогар, амбасадорот на САД Џес Бејли, на Велика Британија Чарлс Гарет, на Холандија Воутер Пломп, на Шведска Матс Стафансон, како и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, амбасадорите од земјите членки на Европската унија, како и САД, ја презентираа можноста во рамките на идните реформски активности во оваа насока да се вклучи „DCAF“ - (Демократска контрола на вооружените сили) од Женева, посебно во поддршка на процесот на зајакнување на собраниската и судската контрола врз службите. Амбасадорите ја искажале подготвеноста на нивните влади да ги подржат овие суштински реформи во Македонија од технички и од финансиски аспект.