Таравари - Немаме став за излегување од Владата

Арбен Таравари

Немаме определено став за напуштање или останување во Владата, тоа допрва ќе биде решено откако ќе се анализираат последните изборни резултати, истакна Арбен Таравари на денешната прес-конференција во Гостивар.

Тој како генерален секретар на партијата Алијанса за Албанците, во оценката за текот на изборите, го критикуваше ангажманот на владините функционери во кампањата во корист на ДУИ.

„Сметам дека е скандалозно, премиерот, министерот за внатрешни да бидат ангажирани и да работат во корист на ДУИ. Тоа е недозволиво и со препораките на Прибе. Меѓутоа вчерашниот ден беше исполнет со низа нерегуларности, поткупи, притисоци и заплашување. Жалам што и министерот Спасовски лично вршел притисок. Жалам и што една влада стои зад партија која има лошо минато“, рече Таравари.

Тој смета дека здравството и понатаму ќе го води човек од неговата партија, но конечната одлука ќе биде донесена откако за тоа ќе се реши во партијата.

Таравари најави ревизија на финансиското работење на општината Гостивар и неговиот претходник, бидејќи како што нагласи, постојат индиции за сериозни злоупотреби.

Тој потврди дека ќе ја добие поддршката во советот на општината и како што рече тоа ќе било лесно, бидејќи веќе се направени контакти со останатите партии кои имаат членови во новиот состав на советот на општината.