Коѕијас - Македонија е дар од Бога, но избрала погрешен кум

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека разликите за името не значат дека Грција е против постоењето на Македонија, но смета дека освен името, главен проблем со неа е иредентизмот.

„Всушност во односите меѓу Атина и Скопје има два проблема, првиот е досегашната неодговорност, а вториот е чувството на Македонија дека Грција не го сака нејзиното постоење. Јас тоа со моите изрази на афинитет го порекнувам, но тие не сакаат да слушаат, дека нивната земја е дар од Бога, но проблемот е што избрале погрешен кум. Разликите во името не значат дека Грција не го сака постоењето на оваа држава, како и дека има какви било планови за нејзина реорганизација или дезинтеграција“, вели Коѕијас во изјава за уредници за надворешна политика во грчките медиуми, пренесува МИА.

Најавува дека Македонија и Грција ќе формираат комитет, кој ќе направи ревизија на учебниците и ќе се обиде да ги надмине несогласувањата во однос на историскиот контекст.

Коѕијас посетува дека ваков комитет веќе е формиран меѓу Грција и Албанија и оти досега се решени споровите за тоа што во двете земји се изучува во десет од 12 одделенија, но дека двете преостанати се најтешки во контекст на историјата и географијата.

„Ќе создадеме таков комитет и за Македонија. Немаме ништо против да погледнеме во нашите книги и ако во нив има нешто погрешно, немам ништо против да биде коригирано“, рече Коѕијас.

Коѕијас потсети дека изминатите две години двете земји промовираат градење мерки на доверба.