Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во партиското седиште во Тетово прогласи голема победа на партијата во Тетово, Струга, Чаир, Дебар,Сарај, Липково, Долнени, Теарце во вториот круг, како и во Пласница, Кичево во првиот круг. Тој им се заблагодари на сите гласачи за нивниот придонес во оваа, како што рече, голема победа на ДУИ и за добени мандати за следните четири години на градоначалниците.
„Сигурно дека при ваквата голема победа има одредени изгубени битки, но тоа не значи дека е изгубена целата војна, како што е случајот со Гостивар, каде што во водство е другиот кандидат, но и од каде се уште се чекаат последните резултати за да се утврди точно кој е победникот“, рече Ахмети.
Тој посочи дека ДУИ е голема партија и така што и во случаите во општините Врапчиште, Желино и Боговиње, каде победил еден од другите кандидати ќе им помага, како што им помагале на нивните кандидати.
Кандидатката на ДУИ за градоначалничка на Тетово, Теута Арифи и се заблагодари на ДУИ за поддршката за уште еден четиригодишен мандат за оваа функција. Таа додаде дека Тетово втор пат гласа за жена и вети дека отворено и чесно ќе работи на реализирање на тоа што беше понудено во кампањата.
ДУИ вечерва по изјавите на Ахмети и Арифи ја почна прославата на изборната победа и во самото седиште, но и надвор од него со тапани, свирење на автомобили, скандирање.