Денеска гласаат затворениците, раселените и немоќните

На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк. Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии. Ќе гласаат 939 лица во 13 казнено-поправни установи, 1.435 болни, изнемоштени и лица кои се во куќен притвор, како и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени.

Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор. Гласањето започнува во седум часот и трае до 19 часот.

Гласањето и денеска и утре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот. Вториот круг од локалните избори ќе се спроведе во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани.