МВР демантира дека бил приведен кандидатот за градоначалник на Кавадарци

„Целосно ги демантираме објавените информации во дел од интернет порталите за наводно приведување на кандидатот за градоначалник на Кавадарци М.Ј.. Полициската станица Кавадарци во соработка со Основното јавно обвинителство Велес презеде мерки и активности во врска со сомнение за сторено кривично дело по член 160 од КЗ, но лицето М.Ј. воопшто не е повикано во полициска станица“, се наведува во соопштението на МВР. Претходно граѓанин доставил писмена пријава дека од страна на лицето Г. Ч. од Кавадарци се врши притисок врз лицата С. Ј. и И. А. да собираат по 50 гласа во корист на еден од кандидатите за градоначалник. Од страна на НККР Кавадарци се направени првични проверки при што е извршен разговор со С. Ј. и известен е надлежен дежурен ОЈО од Велес. Заради документирање на случајот, лицата се сослушани во ОЈО Велес, а со Г. Ч. е извршен разговор во ПС ОН Кавадарци. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.