Во текот на изминатава година поради обидите за државен удар во Црна Гора, случувањата во Македонија и притисокот врз српскиот претседател Александар Вучиќ, Русија ги покажа своите намери појасно отколку во минатото, изјави Даниел Сервер, аналитичар на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, експерт за Балканот и поранешен дипломат на САД.
Сервер смета дека тоа најверојатно ги предизвика коментарите на заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји дека Србија не може да седи на две столчиња засекогаш.
Поранешниот дипломат констатира дека од Србија не се очекува да не соработува со Русија, туку да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на ЕУ, доколку членството во Унијата е нејзина стратешка цел.
„Се поставува прашањето зошто некој кој има потреба од економски и политички реформи да се потпира на Москва? Руската економија е со големина на шпанската (заедно со Каталонија), а политичкиот систем е фокусиран на гонење и елиминирање на конкуренцијата. И додека руската армија постигна одредени успеси во Украина и Сирија, таа сé уште го нема капацитетот, за разлика од Западот, да ги заштити своите пријатели и сојузници“, истакна Сервер, додавајќи дека Русија ја губи регионалната власт.
Поранешниот американски дипломат тврди дека блиските врски со Русија вклучуваат прифаќање на стандардите на Путин за владеење со државата, додека реформите што ЕУ ги бара се во насока на исполнување на критериуми, меѓу кои е и препораката на политичките лидери да се справат со корупцијата на Балканот.