Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ бараат конгрес за избор на нов лидер

Архивска фотографија - Прес-конференција на Александар Михајловски, координатор на Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Скопје побараа одржување слободен и демократски конгрес на кој, како што беше истакнато, членовите на партијата ќе изберат нов лидер.

Александар Михајловски, еден од иницијаторите за реформи, на свеченоста по повод одбележувањето 124 години од основањето на историското ВМРО, рече дека партијата нема да штити криминал и корупција и оти ќе промовира нови политики кои ќе го заменат сегашниот нефункционален систем.

„На Македонија и треба реформирано ВМРО-ДПМНЕ. Да се обединиме и да организираме слободен конгрес на кој членовите ќе изберат нов лидер, да ја вратиме довербата и на следните избори да извојуваме голема победа“, рече тој.